Светска програма за храна: 828 милиони луѓе без новогодишна вечера

Од:

Додека голем дел од планетата ги слави новогодишните празници и влезот во 2023 година, има многу кои страдаат, бидејќи човештвото не го положи основниот тест, а тоа е да се потисне гладот во светот.

Во моментов речиси една третина од населението на планетата нема загарантиран оброк, а 828 милиони луѓе легнуваат гладни секоја вечер, покажуваат податоците на Светската програма за храна (СПХ) при Обединетите нации.

СПХ на својата веб-страница наведува дека 2022 година била година без преседан кога станува збор за гладот во светот и оти 345 милиони луѓе се во директна опасност од недостиг на храна, што е драстично зголемување во споредба со 2019 година, кога таа проценка беше околу 145 милиони луѓе.

Три години претходно, во 2016 година, тој број беше помал – 108 милиони луѓе.

Во моментов, 149 милиони деца имаат проблем со растот поради хроничен недостиг на основни хранливи материи, а повеќе од 45 милиони деца страдаат од неисхранетост, катастрофална состојба во која телото на детето е толку гладно и му недостасуваат основни хранливи материи што почнува да се „јаде“, објави американскиот весник „Хил“.

Бројките можеби се запрепастувачки, но зад секоја бројка стои вистинска личност.

Постојат многу причини за зголемена нестабилност во снабдувањето и достапноста на храна.

Пандемијата на Ковид сè уште создава проблеми на синџирите за набавка во многу заедници во светот, а воените судири, како во Украина, ги креваат цените на намирниците како житарките, пченицата, и многумина не можат да си ги дозволат.

Климатските промени, со честите сезони без доволно врнежи и зголемени температури на места како што е Рогот на Африка, зголемениот број природни катастрофи, ги уништуваат посевите и способноста на луѓето да ги прехранат своите семејства.

СПХ истакна дека само за 2022 година на програмата и се потребни 22,2 милијарди долари за да се обезбеди храна за 160 милиони луѓе на планетата.

Како што глобалната економија закрепнува од пандемијата Ковид-19, јазот помеѓу реалните потреби и вистинските средства за набавка на храна стана поширок од кога било, додаде СПХ.

Би можело да ве интересира

Отец Оливер Петровски: Околу 700 000 луѓе имаат само еден оброк во текот на денот, половина се деца

А1он

Во Конго има 26 милиони гладни, тврдат хуманитарните агенции