Вкупно 43 лица се приведени, а 12 се уапсени во судирите пред зградата на Врховната рада во Киев, соопшти министерот за внатрешни работи на Украина, Арсен Аваков.
Според податоците на украинското министерство, околу 8.000 демонстранти се собрале пред зградата на парламентот во вторникот, барајќи Украинската доброволна армија да биде признаена како учесник во независноста на Украина во Втората светска војна.
Собирот прераснал во нереди, во кои 15 полицајци се повредени, од два потешко.
Немирите започнале кога Врховната рада одбила да го внесе на дневен ред предлог законот за признавање на Украинската добролна армија како дел од силите кои се бореле за независност на Украина во Втората светска војна.
Претседателот на собранието, Олександер Турчинов, спротивно на процедурите, дури седум пати пробал да го стави ова прашање на гласање, но ниту еднаш не ги добил потребните 226 гласови.
После тоа, група маскирани млади лица со знамиња на радикалната националистичка партија „Слобода“ започнала да фрла камења, димни и шок бомби кон зградата на парламентот и врз полицајците кои ја обезбедувале.
Делови од експлозивните направи стигнале и до вториот кат и ги разнеле прозорите. По ова одлучено е да се прекине заседавањето во парламентот.