Стотици илјадници Французи денеска спонтано излегоа на улиците на Ница, Нант, Сант Назер, Кан, Орлеан и многу други францукси градови, за да им оддадат почит на 17-те жртви на терористичките напади, јави дописникот на МИА од Париз.
Утре на повик на политичките партии, синдикатите и здруженијата на граѓани се предвидува „Републикански марш“ во знак на сеќавање на загинатите во терористичките акти кои ја потресоа Франција.
– Потребно е да се мобилизираме. Тоа ќе биде случај утре во многу градови во Франција и во Париз, тоа ќе биде манифестација која ќе остане запаметена за единството и достоинството на францускиот народ, кој ќе ја изрази својата љубов кон слободата и толеранцијата. Дојдете во голем број, порача француксиот премиер Мануел Валс.
Тој притоа нагласи дека француската Влада презеде драстични безбедносни мерки за манифестациите, бидејќи во Париз се очекуваат повеќе европски шефови на држави или влади.
Францускиот претседател Франсоа Оланд за да им пркоси на терористичките закани најави дека ќе присуствува на утрешниот марш во Париз.
– Повеќе шефови на држави или влади, ми дадоа до знаење дека ќе бидат во недела на големиот собир. Јас ќе бидам со нив. Ги повикувам сите Французинки и Французи, да станат заедно во недела, за да ги понесат вредностите на демократијата, слободата и плурализмот на кои сме приврзани и кои Европа на еден начин ги претставува, рече тој.
За утрешниот марш своето учество го најавија многу странски лидеир, меќу кои и германската канцеларка Ангела Меркел, премиерите на Шпанија, Маријано Рахој, на Италија, Матео Ренци и на Велика Британија, Дејвид Камерон, како и претсдателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Доналд Туск и Жан-Клод Јункер.