Соединетите Американски Држави и испорачаа на Украина ракети со долг дострел ATACMS во претходниот пакет помош, официјално потврди заменик портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател.
„Да, можам да потврдам дека САД, по наредба на претседателот, и обезбедија на Украина ракети со долг дострел ATACMS“, рече Пател.
Тој објасни дека во февруари американскиот претседател Џозеф Бајден му наредил на својот тим кој се занимава со прашањата за националната безбедност да ги испрати овие проектили на украинската страна за нивна употреба на суверена територија на Украина.
„Испораката беше извршена како дел од пакетот помош објавен од САД на 12 март, а овие проектили пристигнаа во Украина во април. Ова не го објавивме порано поради оперативната безбедност на Украина на нејзино барање“, рече Пател.
Бриселскиот портал Политико претходно објави дека САД тајно испратиле проектили со долг дострел ATACMS во Украина, кои минатата недела беа користени за напад на руските војници на привремено окупираниот Крим.