Сомнителното опожарување на каблите во близина на телевизиската кула во Киев ја остави синоќа зградата без струја, соопштија украинските власти.
Министерството за вонредни ситуации информира дека зградата во моментот се снабдува со електрична енергија преку генератори.
Министерството не ги соопштува причините за пожарот, но на својот профил на Фејсбук заменик-секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Викторија Сумар објави дека станува збор за „руска саботажа“.
– Саботерите не успеале да влезат во внатрешноста на телевизиската кула, откако властите го зајакнаа обезбедувањето, стравувајќи од евентуални провокации, пишува Сумар.
Според првичните информации, каблите, кои се наоѓаат под земја, биле запалени со молотови коктели.
– Единствено технички експерти може да знаат каде се наоѓаат каблите. Тоа е класична саботажа. Логиката на руските специјални служби ја следи доктрината на Ленин дека контролата на телекомуникациите е од првостепено значење, додаде таа.
Според шефот на Киевската градска админстрација, Володимир Бондаренко пожарот настанал како последица на краток спој.
– Не станува збор за саботажа, изјави тој, додавајќи дека соодветните служби почнале истрага.