Ветувањата на најголемите светски корпорации за намалување на емисиите на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина тешко ќе се исполнат бидејќи постои „значителен расчекор“ во нивниот кредибилитет, се наведува во извештај чии делови објавува списанието „Форбс“.
Според годишниот извештај на „Net Zero Tracker“, половина од двете илјади најголеми светски компании од јавниот и приватниот сектор од листата на „Форбс“ допрва треба да се произнесат по намерите за постигнување нула-емисија на стакленични гасови – и тоа дали со директно намалување на емисиите или преку други методи за апсорпција на јаглерод диоксид од атмосферата.
Две третини од 702-те компании што поставиле за цел нулта-емисија воопшто не дале појаснување како имаат намера да го постигнат тоа, стои во извештајот.
„Net Zero Tracker“, телото формирано од ECIU (Energy and Climate Intelligence Unit) од Велика Британија) во соработка со Универзитетот Оксфорд, врши проценка на јавно достапни податоци од околу 200 земји, како и за големи компании вклучително оние во областа на фосилните горива.
„Има доста недоследности, а постои и сомнеж и околу издржаноста и одлучноста за реализација на зацртаните цели“ изјави Фредерик Ханс, еден од авторите на студијата, аналитичар на климатските политики од германскиот тинк-тенк Институт „NewClimate“.
Многу од компаниите што поставиле цели за нула-емисии на стакленични гасови не поставиле преодни цели за периодот до 2050 година, наведуваат од ECIU.
Извор: МИА