Горниот дом на швајцарскиот парламент одби да и одобри помош на Украина во износ од 5 милијарди швајцарски франци (5,12 милијарди евра) како дел од финансискиот пакет, со образложение дека оваа распределба го нарушува ограничениот план за задолжување на земјата.
Со 28 гласа против и 15 за пратениците го отфрлија целиот финансиски пакет во вредност од 15 милијарди швајцарски франци, во кој беа вклучени 10,1 милијарди франци дополнителни средства за потребите на швајцарските вооружени сили, пренесува Ројтерс.
Швајцарските пратеници ја аргументираа оваа одлука со тврдењето дека пакетот „се коси со одредбата за намалување на јавниот долг“ во Швајцарија, поради што беше отфрлен непосредно пред самитот што се одржува во таа земја, а на кој треба да се разговара за воспоставување мир во Украина.