Шпанија, еден од најголемите светски извозници на портокали, лимони, домати и маслинки, деновиве е сериозно погодена од сушата, која им се заканува на нејзините земјоделци, а научниците и официјалните лица предупредуваат дека климата во јужна Европа се менува и станува се повеќе слична на онаа од северна Африка.
Половина од пролетта помина без речиси никаков дожд во Шпанија, медитеранска земја со насади со маслинки и агруми на југ. Во изминатата година паднале 21 отсто помалку врнежи од просечните во периодот од 1991 до 2020 година, објави тамошната државна метеоролошка агенција (АЕМЕТ).
„На некои области им се заканува дека производството ќе се намали на нула, односно дека нема да произведеме ништо, додека во други 80 отсто од посевите би можеле да пропаднат“, рече Рамон Гарсија, претседател на Асоцијацијата на фармери од Андалузија, за ТВЕ.
На таа јужна провинција и недостасува вода, исто како и соседните Екстремадура, Кастиља-Ла Манча и Мурсија. Дури и во богатата Каталонија, на североисток, имаше намалување на водата поради слабите врнежи.
„Ова не се сценарија од иднината, но веќе во некои области на Медитеранот, водата се складира во буриња“, вели Хозе Дамијан Руиз, професор по географија на Универзитетот во Малага.
Во Севиља, најголемиот град во Андалузија, температурата во четврток би можела да се искачи до 30 Целзиусови степени, додека следната недела би можела да се искачи до 35 степени, што е типично за јуни, објави метеоролошката служба.
Во средата се одржа кризен состанок на повеќе шпански министерства, покраински власти и земјоделски здруженија поради тешката состојба во која се наоѓаат производителите, кои бараат финансиска помош. Минатото лето Владата им додели помош од 450 милиони евра во вид на пониски даноци и директни финансиски субвенции.
И Шпанија размислува да побара помош од Европската комисија, односно од нејзините фондови од ЕУ. Минатата година во Шпанија беше забележана најтешката суша од 1961 година, а просечната температура порасна за 1,3 степени. Во последните недели и Шпанците се борат со пожарите.
„Свесен сум дека сушата ќе биде една од темите на политичката дебата во нашата земја во наредните години“, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез во средата во парламентот во Мадрид. Шпанија е составена од 17 автономни покраини, а проблемите со сушата би можеле да влијаат на резултатите од регионалните избори на 28 мај.
Унијата за Медитеранот (UfM), меѓувладина организација од 27 земји на ЕУ и 16 со пристап до Средоземното Море, во март, на Меѓународниот ден на водата, ги повика владите, организациите и поединците да ја решат кризата предизвикана од недостатокот на вода, што резултира со разни болести.
Медитеранскиот регион се соочува со недостиг на вода, каде што 180 милиони луѓе имаат тежок пристап до вода, а уште 60 милиони од нив се погодени од недостаток на вода, објави УфМ од Барселона.
Неевропските земји во јужниот и источниот Медитеран се особено погодени од недостигот на вода. „За 15 години, јужна Европа ќе има клима слична на онаа што ја имаше северна Африка во последните 4.000 години“, рече Граменос Мастрожени, заменик генерален секретар на УфМ. Тој смета дека европските земји ќе бараат совет како да ги наводнуваат нивите од оние кои со години работат во такви услови, како што е Египет.