Кандидатот на Слободарската партија на Австрија (ФПО) за претседател на Австрија Норберт, Хофер и неговиот противкандидат Александар ван дер Белен разменија синоќа серија меѓусебни обвинувања во телевизискиот дуел, одржан една недела пред повторениот втор круг од претседателските избори.
Додека Хофер за Ван дер Белен тврдеше дека е близок до комунистите, неговиот противник предупреди на „државна криза“ во случај на победа на кандидатот на екстремно десничарската ФПО.
Хофер уверуваше дека ФПО нема, како што тоа го сторила и претходниот пат, да го оспори исходот од изборите на 4 декември, изразувајќи уверување дека овој пат нема да има неправилности.
– Целиот свет ќе гледа. Се ќе тече така што сите заедно спокојно ќе можеме да го прославиме Божик, нагласи тој.
Ван дер Белен изрази уверување дека власта ќе стори се овие избори да минат во најдобар ред.
Тој се обиде да се прикаже себе си како независен кандидат и најави дека ќе биде претседател на центарот, кого ќе ги поддржат луѓето од сите табори.
Ван дер Белен оцени дека Хофер како претседател би предизвикал „државна криза“, доколку ја распушти Владата, што повеќе пати најавуваше.
Двајцата кандидати исто така изнесоа различни ставови во однос на надворешната политика.
Ван дер Белен се изјасни како пропазападен и ориентиран кон ЕУ, додека Хофер ја потенцираше важноста на односите со државите од Источна Европа, како Русија или члените на Вишеградската група.