Бројот на загинати по вчерашниот напад во Њу Орлеанс се зголеми на 15, а најмалку 35 лица се повредени, јави денеска Си-Ен-Ен.
Американскиот државјанин Шамсуд Дин Бахар Џабар (42) е осомничен дека со својот пик-ап влета во толпа луѓе на улица и уби минувачи.
Тој беше убиен во пресметка со полицијата околу 3.15 часот по локално време, во дел од Њу Орлеанс каде се одржуваа неколку новогодишни прослави.
ФБИ соопшти дека во неговото возило е пронајдено знаме на Исламската држава.
– Откако возилото застана, возачот излезе од возилото и пукаше кон полицајците кои возвратија, соопшти полицијата на Њу Орлеанс.
Инспекторите го пребаруваа Францускиот кварт во Њу Орлеанс за потенцијални експлозивни направи, изјави претставник на органите на редот за АП.
Портпаролката на ФБИ, Алетеа Данкан, рече дека властите истражуваат најмалку една сомнителна импровизирана експлозивна направа пронајдена на местото на настанот.
Началникот на полицијата во Њу Орлеанс, Ен Киркпатрик, рече дека мажот „намерно“ возел околу барикадите и забрзано по улицата Бурбон пред да пука кон полицајците.
„Овој човек се обидуваше да прегази што повеќе луѓе“, рече Киркпатрик, додавајќи дека во престрелката се ранети двајца полицајци, но се во стабилна состојба.
Како што потврдија полициски извори за Си-Би-Ес, на местото на настанот е пронајден пиштол со „пригушувач“, додека два извори запознаени со истрагата изјавиле дека осомничениот носел панцир.
Градоначалникот на Њу Орлеанс ЛаТоја Кантрел изјави дека најверојатно станува збор за „терористички напад“.