Шпанија не се согласува со францускиот предлог за испраќање европски копнени трупи во Украина и сака да ја ограничи помошта во испраќање оружје и други материјали за Киев, изјави денеска портпаролката на шпанската влада Пилар Алегрија.
„Единството беше и останува најефикасното оружје со кое Европа треба да се соочи против нападите на Путин“, рече Алегрија, според Ројтерс.
Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот по самитот на европските лидери во Париз изјави дека, иако нема консензус за испраќање војници од европските земји во Украина, „ништо не треба да се исклучи“.
Претходно несогласување со идејата за испраќање војници во Украина изразија и Чешка, Хрватска, Грција, Полска, Унгарија и Велика Британија. Генералниот секретар на НАТО Јенс Стотенберг исто така најави дека Алијансата нема да испраќа војници во Украина.