Соединетите држави гледаат „зголемен ризик“ од прелевање на конфликтот на Блискиот Исток бидејќи силите под контрола на Иран се насочени кон американските војници стационирани во регионот, изјави синоќа советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден, Џејк Саливан.
„Ние сме во состојба на готовност бидејќи гледаме зголемени закани за нашите сили низ целиот регион и зголемен ризик овој конфликт да се прошири и во другите делови на регионот. Правиме се што е во наша моќ за да го одвратиме и спречиме тоа“, рече Саливан на CBS.
Минатата недела, САД извршија воздушни напади врз два објекти поврзани со милициите поддржани од Иран во источна Сирија по серијата напади со беспилотни летала и ракети врз американските сили во регионот. Воздушните напади врз објекти поврзани со иранската „Исламска револуционерна гарда и придружните групи“ не резултираа со никакви жртви, проценуваат САД.
Запрашан за американските напади врз сојузниците на Иран во регионот, Саливан изјави за ABC: „Ако нападите продолжат, ние ќе одговориме и мислам дека Иранците ја добиваат нашата порака“.
„Ние, се разбира, ги преземаме сите неопходни мерки за да ги заштитиме нашите сили, да ја зголемиме нашата будност и да работиме со другите земји во регионот за да се обидеме да спречиме овој конфликт што моментално е во Израел и Газа да стане регионален конфликт“, вели Саливан и додаде „Но, ризикот е реален, така што претпазливоста е висока, а чекорите што ги преземаме за да го спречиме и спречиме се сериозни, систематски и тековни“.