Личните и банкарските информации на стотици илјади жители на американската сојузна држава Род Ајленд, вклучително и броевите за социјално осигурување, најверојатно биле хакирани од меѓународна криминална група, која барала исплата на откуп, соопштија американските власти.
Во пораката што претставниците на Род Ајленд ја опишаа како изнуда, хакерите се заканија дека ќе ги објават украдените информации доколку не се плати одредена сума пари, пренесува денеска Ројтерс.
„Злоупотребата на незаконски присвоени лични информации може да им наштети на луѓето кои користат владини програми за помош во Род Ајленд, вклучително и Програмата за дополнителна исхрана (SNAP), привремена семејна помош и здравствена заштита што се плаќа преку програмата за здравствени извори на државата“, рече гувернерот Ден Меки.