Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го претстави ставот на САД за тоа како треба да изгледа „ден по“ крајот на војната во палестинската енклава.
На прес-конференцијата по состанокот на Г7 во Токио, тој рече дека сите сакаат „што е можно поскоро да се стави крај на конфликтот и да се минимизираат страдањата на цивилите во меѓувреме“, пренесува Гардијан.
„Но, како што разговарав со моите колеги од Г7, оние кои повикуваат на итен прекин на огнот имаат обврска да објаснат како да се справат со неприфатливиот исход што најверојатно би го донел. Хамас се повлече со повеќе од 200 заложници, со капацитет и изјави дека има намера да повтори 7 октомври, одново и одново“, нагласи Блинкен.
Блинкен ја истакна позицијата на САД за тоа како треба да изгледа „денот потоа“ во Појасот Газа по завршувањето на војната меѓу Израел и Хамас. Тој за новинарите изјави дека тоа се условите неопходни за „траен мир и безбедност“.
Блинкен изрази став дека Израел не може да управува со Газа, но дека може да има „преоден период“ по завршувањето на сегашниот конфликт.
„Газа не може да продолжи да биде управувана од Хамас. Тоа е едноставно повик за повторување на 7 октомври. Исто така, јасно е дека Израел не може да ја окупира Газа“, рече Блинкен.
Тој нагласи дека сегашната реалност е дека можеби ќе има потреба од некој преоден период на крајот на конфликтот.
„Ние не поддржуваме повторна окупација и она што го слушнав од израелските лидери е дека тие немаат намера повторно да ја окупираат Газа“, рече Блинкен.
Американскиот државен секретар изјави дека клучните елементи на идниот мир вклучуваат дека нема да има „присилно раселување на Палестинците од Газа“.
„Не сега, не по војната“, рече Блинкен.
Тој наведе други услови: нема употреба на Газа како платформа за тероризам или насилни напади, нема повторна окупација на Газа по завршувањето на конфликтот, нема обид за блокирање или опсада Газа, нема намалување на територијата на Газа и мора да се осигура дека никаква терористичка закана не доаѓа од Западниот Брег.
Американскиот државен секретар, исто така, рече дека САД бараат идно решение за „одржлив мир“, вклучително и ставање на „палестинските гласови и аспирации во центарот на посткризната администрација во Газа“.
Блинкен рече и дека плановите мора да вклучуваат обединување на Газа со Западниот Брег под палестинската управа.