Саакашвили уапсен по враќањето во Грузија по осум години, еден ден пред локалните избори

Од:

Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили вчера беше уапсен откако по осум години се врати во својата татковина. Апсењето се случи само еден ден пред одржувањето на денешните локални избори.

Би-Би-Си потсетува дека прозападниот опозиционер ја предводеше револуцијата во Грузија во 2003 година, а на власт беше 2004 до 2013 година. Подоцна беше обвинет за наводна злоупотреба на службената положба и прикривање – обвинувања за кои рече дека се политички мотивирани.

Како што јави руската агенција ТАСС, апсењето на грузискиот опозиционер го потврди и премиерот на Грузија Иракли Гарибашвили, кој дополни дека тој веднаш е префрлен во затвор. Тој рече дека специјалните сили го привеле Саакашвили за кого беше распишана потерница со оглед што не беше достапен за органите на прогон.

Апсењето се случи 18 часа откако Саакашвили, кој беше прогласен за виновен во отсуство и кој живееше во Украина во последните осум години, објави на Фејсбук дека се враќа во Грузија.

Инаку, Саакашвили вчера изутрина соопшти дека пристигнал во својата татковина по осумгодишно отсуство.

„Добро утро, Грузија. Веќе сум во Грузија по осум години “, напиша тој на својата страница на Фејсбук.

Политичарот објави и видео со кое потврдува дека пристигнал во Батуми.

„Ова е мојот Батуми. Ова требаше да биде мојот американски технолошки универзитет Батуми, кој го уништија. Можевме да имаме вакцина денес, а ковидот немаше да убие толку многу луѓе. Многу ми недостасуваа овие места. Мојот сон се оствари денеска“, напиша тој.

Потсетувајќи дека во сабота, 2 октомври, во земјата се одржуваат локални избори, Саакашвили ги повика граѓаните да излезат на избори и да ги „заштитат“ своите гласови.

Меѓутоа, грузиските власти прво демантираа дека тој се вратил во земјата. Грузиското Министерство за внатрешни работи прво тврдеше дека Саакашвили не ја минал државната граница. Претседателот на владејачката партија „Грузиски сон-Демократска Грузија“, Иракли Кобахиѕе, исто така рече дека Саакашвили не е во земјата. -Саакашвили не е во Батуми. Видеото на Михаил Саакашвили не е снимено во Грузија, рече тој.

Кобахиѕе го нарече поранешниот шеф на државата „кловн“ и рече дека навистина би сакал тој да се врати во Грузија.

-Тогаш целото општество ќе види каков кловн е Михаил Саакашвили, и тоа ќе стави крај на целата гротеска во грузиската политика, вклучително и во однос на поларизацијата, рече тој.

Марија Барабаш, вработена во канцеларијата на Саакашвили во Киев за грузиската телевизија „Мтавари Архи“, не ги потврди или негираше информациите за престојот на политичарот во Грузија. Таа само објави дека Саакашвили го напуштил Киев.

-Пред три дена го собра тимот и рече дека оди во Грузија, бидејќи сега е пресвртница за земјата, кога мора да се направи избор помеѓу Европа и минатото. Ни рече дека мора да замине затоа што таму се одржува важен референдум и мора да биде во Грузија, рече Барабаш.

Саакашвили во понеделникот вечерта објави дека купил авионска карта за Тбилиси за 2 октомври – за локалните избори.

И покрај тоа што беше во странство осум години, поранешниот претседател се уште се смета за водечка опозициска фигура и ги повика поддржувачите на митинг во главниот град Тбилиси оваа недела, наведува Би-Би-Си.

Тој во неколку наврати ги повика гласачите да го поддржат Обединетото национално движење (ОНМ) на денешните избори. Таа главната опозициска партија што тој ја основаше и од неа се очекува да се спротистави на владејачката партија Грузиски сон.

Би можело да ве интересира

Бжанија: Останувам на функцијата избран претседател на Абхазија

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Демонстрантите во Грузија упаднаа во парламентот, не сакаат да го напуштат

ВИДЕО: Демонстрантите го презедоа Собранието во Абхазија, претседателот избега

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Граѓаните на Грузија повторно на улица, бараат нови избори

А1он

(ВИДЕО) Десетици илјади луѓе на улиците во Грузија, ја молат Европската Унија за помош: „Ние не ја сакаме Русија“

А1он