Руското вселенско летало се урна на површината на Месечината

Од:

Руското вселенско летало Луна-25 се урна на површината на Месечината еден ден по пријавената „абнормална ситуација“ и се изгуби, јави руската новинска агенција Тас. Како што соопшти руската државна вселенска агенција Роскосмос, комуникацијата со леталото е прекината.

„Според прелиминарните пресметки, Луна-25 се префрли во непредвидена орбита и се судри со површината на Месечината“, објави Роскосмос, кој вчера објави „абнормална“ ситуација на леталото, откако беше испратен сигнал од Земјата дека требаше да започне процес на подготовка на леталото за слетување на површината на Месечината.

Во денешното соопштение Роскосмос додава дека веднаш е формирана специјална меѓуресорска комисија која треба да ги истражи причините кои довеле до губење на леталото.

Рокосмос објави „абнормална ситуација“ на својот вселенски брод Луна-25.

„За време на операцијата се случи абнормална ситуација во автоматската станица, која не дозволи да се изврши маневарот со избраните параметри“, објави Роскосмос во краткото соопштение за медиумите.

Руско летало требаше да слета на јужниот пол на Месечината во понеделник, како дел од големата трка за истражување на дел од Месечината за кој научниците веруваат дека може да содржи замрзната вода и скапоцени елементи. Експертите ја анализираат ситуацијата, се вели, но без дополнителни детали.

Претходно Роскосмос објави дека ги добил првите резултати од мисијата Луна-25 и дека се анализираат. Агенцијата објави и фотографии од лунарниот кратер Земан направени од леталото. Кратерот е трет најдлабок на јужната хемисфера на Месечината, како што се наведува, со дијаметар од 190 километри и длабочина од осум километри.

Роскосмос претходно соопшти дека досега добиените податоци обезбедуваат информации за хемиските елементи во лунарната почва и исто така ќе ја олеснат работата на уредите дизајнирани да ја проучуваат површината на Месечината. Додадено е дека опремата на леталото регистрирала „удар на микрометеорит“.

Да потсетиме, руското летало на Месечината влезе во орбитата на Месечината пред четири дена, што претставува голем чекор кон остварување на амбицијата на Русија да стане првата вселенска сила која ќе изврши меко слетување на Јужниот пол на единствениот природен сателит на Земјата во потрага по замрзната вода.

Роскосмос пред четири дена објави дека вселенската сонда Луна-25 влегла во орбитата на Месечината во 11:57 часот по московско време или 8:57 часот по средноевропско време. Руската вселенска сонда, која е со големина колку мал автомобил, тежи околу 1.800 килограми и беше лансирана минатиот петок од космодромот Восточни. Таа требаше да спроведе истражување на јужниот пол на Месечината околу една година.

Во таа област, научниците од НАСА и други вселенски агенции открија траги од замрзната вода во кратерите во последните неколку години. Постоењето на вода на Месечината е важно за големите вселенски сили бидејќи ќе им овозможи на луѓето да останат таму подолг временски период, што пак би овозможило ископување вредни лунарни ресурси.

Москва последен пат ја испрати сондата Луна-24 на Месечината пред речиси половина век, на почетокот на 1976 година, кога Русија сè уште беше дел од Советскиот Сојуз, изјави Анатолиј Зак, основач на www.RussianSpaceWeb.com, кој ги следи руските вселенски програми.

„Влегувањето во орбитата на Месечината е апсолутно клучно за успехот на овој проект. Некои ова го нарекуваат втора лунарна трка, па затоа е многу важно Русија да продолжи со оваа програма. Луна-25 не е само една мисија, туку дел од многу поширока Руската стратегија која опфаќа десет години во иднина“, изјави Зак за Ројтерс, повторувајќи дека тоа се случува за прв пат во постсоветската ера. Луна-25 е дел од руската лунарна програма, која предвидува изградба на вселенска станица на Месечината до 2040 година.

Би можело да ве интересира

Русија: Имаме „абнормална ситуација“ на леталото во орбитата на Месечината