Руската полиција во Москва приведе околу 300 лица во простории за молитви на муслимани, откако претседателот Владимир Путин нареди пресметка со радикалните исламисти.
Претседателот на Руската Федерација, Путин нареди висок степен на подготвеност на безбедносните сили за да ги заштити учесниците на Зимските олимписки игри, кои наредната година ќе се одржат во Сочи на Црно море, во близина на муслиманските области, во кои Русија се бори против бунтот на исламистите, пренесе „Ројтерс“.
-Мора одлучно да се бориме против екстремистите, кои под знамето на национализмот, сепаратизмот и радикализмот се обидуваат да го урнат нашето општество – изјави Путин и додаде дека полицијата треба остро и доследно да се бори против корупцијата, криминалот и бунтот.
Според него состојбата на северен Кавказ треба да се држи под голема контрола.
Вчерашниот упад на полицијата е трет од почеток на годинава, чија мета се муслиманските места за молитва во Москва и Санкт Петербург и резултираше со приведување на околу 300 лица, вклучувајќи и 170 странци и конфискација на исламистички книги.
Русија настојува да ја зајакне борбата против тероризмот по бомбашкиот напад во Бостон.
Цел на исламистичкиот бунт на припадниците на групацијата Емират на Кавказ и најбараниот терорист во Русија Док Умаров е формирање на исламски емират во регионот на северен Кавказ.
Стравувањата на Москва од исламистичките бунтовници се зголемени откако полицијата уби двајца и приведе уште неколку припадници на една исламистичка групација која планирала напад врз учесници на еден голем празник оваа година.
Елена Георгиевска