Јужнокорејската јавна телевизија КБС објави дека повеќе од 20 Руси, за да избегнат мобилизација поради војната во Украина, отпловиле од Северен Пацифик до Јужна Кореја со јахти, но на повеќето им бил одбиен влезот.
КБС објави дека најмалку 21 Русин пристигнале со јахти во пристаништата на југот на земјата, но дека само на двајца им бил дозволен влез, додека на другите им бил одбиен, а властите објасниле дека нивната причина за доаѓањето е „нејасна“.
Јахта со пет Руси го напушти во вторникот јужнокорејскиот остров Улеунг, која претходно пристигна таму на 30 септември, а нивната почетна дестинација беше Владивосток, изјави член на патролата, пренесува Танјуг.
Тој рече дека јахтата таму „се засолнила од лошото време“, а на патниците им била дадена храна и друга помош, но одбил да прецизира зошто не им е дозволен влез.
КБС додава дека три јахти се закотвиле во југоисточното пристаниште Поханг во изминатите неколку дена, а тоа се главно Руси во дваесеттите и триесеттите години.
Министерството за правда на Сеул не објави детали за случаите со јахти, но на Русите генерално им е дозволено да влезат во земјата без виза, доколку имаат соодветна дозвола за влез што може да се добие по електронски пат.