Еден ден откако Русија започна копнена офанзива, 1.775 луѓе беа евакуирани од областите во близина на руската граница во украинскиот регион Харков, чиј главен град со исто име е втор по големина во Украина – изјави денеска регионалниот гувернер Олег Синегубов.
Тој наведе дека во претходните 24 часа Русија со топови и минофрлачи нападнала 30 места во таа област.
Регионот Харков е главно под контрола на украинските сили од септември 2022 година.
Украинското Министерство за одбрана во петокот објави дека Русија започнала копнена офанзива во североисточниот украински регион Харков и се обидува да ги пробие украинските одбранбени линии, а украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во таа погранична област се водат „жестоки борби“.
Руските сили направија мал, но систематски напредок во таа зона во североисточна Украина од која беа потиснати пред речиси две години, а на украинската армија и недостигаат војници и оружје, но Зеленски бара од неа да ги запре руските офанзивни операции и повторно да преземе иницијатива.
Украински воен извор изјави дека руските сили напреднале еден километар во внатрешноста за да се обидат да создадат „тампон зона“ во регионот Харков и соседниот регион Суми за да спречат напади на руска територија.
Украинските сили ги засилија нападите и внатре во руската територија и во украинските зони контролирани од Русија, особено на енергетската инфраструктура.