По бранот рестриктивни мерки што ги преземаа западните земји во последните денови, Русија стана „светски лидер“ по бројот на лица под санкции, надминувајќи го Иран по тој показател, покажуваат статистичките податоци.
Според Блумберг, повикувајќи се на базата на податоци за санкции Castellum.ai, од 22 февруари се воведени 2.778 нови ограничувања против руски правни и физички лица, а нивниот вкупен број достигна 5.530. Тоа е повеќе од Иран, каде 3.616 правни и физички лица се под санкции, главно поради нуклеарната програма и поддршка на тероризмот.
Следат Сирија со околу 2.600 и Северна Кореја со околу 2.100 физички и правни лица кон кои се воведени рестриктивни мерки.
Огромното мнозинство санкции против Русија од 22 февруари беа воведени против физички лица – 2.427. Изречени се 343 мерки за правни лица.
Најактивни во воведувањето санкции кон Русија беа Швајцарија со 568, ЕУ со 518, Франција со 512 и САД со 243.
Извор: МИА