Романскиот министер за образование Валентин Попа денеска поднесе оставка по разговорот во парламентот со лидерот на владејачката Социјалдемократска партија (СДП) Ливиу Драгња.
Оставката уследи откако претседателот на Демократската унија на Унгарците во Романија (УДМР) Келемен Хунoр минатата недела побара негово отстранување, велејќи дека министерот донел две одлуки со кои не се согласуваат етничките Унгарци. Едната одлука се однесува на изучувањето на романскиот јазик во основните училишта, во кои се предава мајчин јазик, а другото – спојувањето на два универзитета во градот Таргу Муреш.
Хунор истакна дека соработката со СДП е уште во сила, но дека Владата треба да ги реши проблемите во образованието.
Драгња изјави дека Хунoр е во право и дека не само УДМР, туку и сите други малцинства го покренале ова прашање.