Поранешниот романски претседател Трајан Басеску, сега член на Европскиот парламент, соработувал со комунистичката тајна полиција, озлогласената служба Секуритате, објави денеска романски суд.
„Обвинетиот Трајан Басеску бил соработник на Секуритате“, посочи судот во Букурешт по прегледувањето на документите од 1970-тите години, додека Басеску бил студент на Поморскиот институт во Констанца, југоисточно Романија.
Басеску стана значајна политичка фигура во Романија по падот на комунистичкиот режим и диктаторот Николае Чаушеску во декември 1989 година. Басеску беше претседател на Романија во два мандата од 2004 до 2014 година, како и градоначалник на Букурешт и неколку пати министер. Тој сега е член на Европскиот парламент и претставува мала партија од десниот центар
– Не знаев дека тоа е Секуритате, изјави Басеску пред новинарите, признавајќи дека на еден службеник тој му дал информации за неколку свои пријатели во тоа време. Басеску најави жалба против судската одлука, со која не му е изречена казна.
Судската постапка против Басеску беше поднесена од државен орган, надлежен за проучување на архивските документи на тогашната разузнавачка служба Секуритате. Органот пронашол текстови потпишани од Басеску, кој тогаш имал кодно име – Петров.