Романската опозициска Национална либерална партија (ПНЛ) побара оставка од министерот за одбрана Михаи Фифор, по неговата изјава дека американската армија во воената база Девеселу во јужна Романија распоредила балистички проектили.
Фифор набргу ја корегираше изјавата, велејќи дека во базата има ракети за пресретнување балистички проектили, а не балистички проектили.
– Глупоста на Владата на (премиерката Виорика) Данчила веќе станува опасна и ризикува да не втурне во војна. Оставка!, повика Ионел Данка, портпарол на најголемата опозициска партија.
Во интервју за телевизијата Антена 3, министерот Фифор постави реторичко прашање за тоа како би му се допаѓало на рускиот претседател Владимир Путин „ако знае дека во воената база Девеселу во Романија има балистички ракети“, како и дека во базата Михаил Когалничеану кај Констанца има американски војници и се работи на зголемено американско присуство во црноморскиот регион.
Набргу потоа, Фифор се коригираше, велејќи дека во Девеселу нема балистички ракети кои би можеле да бидат цел на руски напад, туку делови од американскиот противракетен штит со пресретнувачки ракети кои служат да соборат туѓи балистички проектили лансирани кон Европа или Америка од Русија или Иран.
– Сигурно не мислите дека јас не знам што имаме во Девеселу и како функционира противракетниот штит, изјави Фифор.