Романскиот парламент изгласа доверба на Виорика Данчила со што таа стана првата жена премиер на Романија и трет премиер на земјата во период од една година. Данчила доби 282 гласови за, многу повеќе од потребниот минимум од 233 гласа.
Данчила (54) е членка на Европскиот парламент, но и релативно непозната во домашните политички кругови, пренесуваат светските медиуми.
Левичарската влада се соочува со протести и критики кои доаѓаат од ЕУ, поради законите со кои ќе биде многу тешко на високи функционери да им се суди за корупција. Инаку, Данчила ги поддржа предлозите кои вклучуваат забрана за користење на аудио и видео снимки во обвиненијата.
Во обраќањето пред парламентот, таа рече дека нејзина цел е Романија да биде рангирана на врвот на листата на најсилни економии во ЕУ во 2020 година и младите повеќе да не ја напуштаат земјата, а оние кои отишле да посакаат да се вратат.
Според законските одредби, извршната власт на премиерката ќе биде ограничена и таа ќе има главно административна улога.