Романија денеска ја повика ЕУ да обрне внимание на „двојните стандарди“, користени од компаниите за производство на храна при продажба на различни производи од иста марка во земјите од Источна и Западна Европа.
Оваа пракса се смета за законска во ЕУ, под услов сите состојки на храната да се на листата.
Властите во Полска, Чешка, Словачка, Унгарија и Бугарија критикуваа неколку меѓународни ланци на прехранбени производи заради користењето на оваа „дупка во законот“ за продажба на производи со низок квалитет во овие земји.
Романскиот министер за земјоделство Петре Даја денеска пред новинарите изјави дека според истражувањето девет од 29 прехранбени производи што се продаваат во Белгија, Холандија и Германија, се различни во Романија.
Утврдена е различна количина на калории во некои рибни конзерви, паштети од црн дроб и производи од свинско месо.
Во спроведената студија се критикува неусогласеноста меѓу марките во Западна и Источна Европа.
– Ќе побараме Европската комисија да ги забрза регулационните процедури, па да бидат создадени инструменти за анализа во секое време, во секоја држава членка на вакви двојни стандарди, рече Даја.