Од сите источноевропски народи, Романците најмногу веруваат во лажните вести, соопшти сајтот „Зиаре“ и дополнува дека, според социолошкото истражување во седум држави од Централна и Источна Европа, 37 отсто од Романците веруваат во лажните вести.
По Романците следат Словаците, Полјаците и Чесите.
Во целина, во седум истражувани држави – Романија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, над 10 отсто од населението верува дека таквите вести се вистински.
Дури 57 отсто од Романците се на мислење дека реалната ситуација е поразлична од тоа што се прикажува во масмедиумите, покажуваат уште социолошките податоци.
Во рамки на истражувањето, спроведено од ГЛОБСЕК, анкетираните биле запрашани и за нивниот однос кон Европската Унија.
Од податоците станува јасно дека најмногу евроскептици живеат во Чешка. Само 41 отсто од Чесите сакаат нивната земја да остане во ЕУ и само три отсто од нив се на мислење дека ЕУ е нешто позитивно.
За споредба со нив, 80 проценти од Романците сакаат нивната држава да остане во ЕУ, а 70 отсто од нив сметаат дека Европската унија е нешто позитивно.
Огромни 87 отсто од романските граѓани, исто така, сметаат дека НАТО е важна за нивната безбедност, додека Полјаците се уште порешени во овој сегмент – дури 91 процент Алијансата ја сметаат за важна за нивната безбедност.
Романија, Полска и Хрватска се единствените држави меѓу седумте во кои е спроведено истржувањето, кои би прифатиле НАТО да изгради воени бази на своја територија.