Во ажурираниот извештај на Светската здравствена организација (СЗО) денес, беше наведено дека досега се пријавени девет случаи на инфекција со хантавирус, без податоци за бројот на заразени во САД.
– Досега се пријавени девет случаи на хантавирус, од кои седум се потврдени во овој бран на епидемијата. Овој број е за еден повеќе од бројот во претходната верзија на извештајот. Најновиот случај е потврден во Франција – според соопштението на СЗО, пренесува Скај њуз.
Француската министерка за здравство Стефани Рис претходно денес изјави дека една жена се лекува во болница и дека нејзината состојба се влошила откако се вратила од Тенерифе и била позитивна на вирусот.
Скај њуз истакнува дека овој број не го вклучува бројот на заразени лица наведени во синоќешниот извештај на американските здравствени службеници, според кој еден Американец имал „благ позитивен“ тест за вирусот, но немал симптоми на инфекција.
Тоа лице беше меѓу 17-те Американци кои беа на бродот MV Hondius и се вратија во САД утрово.
На крузерот „MV Hondius“ беше идентификуван нулти пациент заразен со хантавирус, а станува збор за седумдесетгодишен Холанѓанец кој бил орнитолог, како и неговата сопруга, со која патувал во неколку јужноамерикански земји, објави денес телевизијата BFM.
Двајцата починаа, а наводно двајцата посетија аргентинска депонија за да набљудуваат ретка птица.
Холанѓанецот Лео Шилперорд, кој прв покажа симптоми на хантавирус, почина на 11 април на крузерот „MV Hondius“, крузер на кој се качи со својата сопруга Миријам. Таа почина петнаесет дена подоцна од истиот вирус.
Двојката била од Хаулервијк, град со 3.000 жители, а нивните некролози, напишани од пријатели и соседи, се објавени во локалниот весник.
Двајцата пензионери долетале во Аргентина на 27 ноември за да започнат петмесечна турнеја низ Јужна Америка, која ги однела во Чиле и Уругвај пред да се вратат во Аргентина.
Лео и Миријам Шилперорд беа страствени орнитолози и го искористија патувањето за да набљудуваат птици, објави „Њујорк пост“.
