Двајца полицајци се ранети, а осомничениот вооружен напаѓач е убиен во престрелка што се случи денеска при обид за претрес на станбена зграда во градот Њу Хевен, во американската сојузна држава Конектикат, соопшти полицијата.
Полицијата во Њу Хевен соопшти дека двајцата повредени полицајци се очекува да ги преживеат повредите и потврди дека моментално се лекуваат во болница, пренесува АП.
Пријавено е и дека три лица кои биле во станот, од кои едното 8-годишно девојче, не се повредени.
Началникот на полицијата во Њу Хевен, Карл Џејкобсон, рече дека полицајците од специјалната полициска единица се обидувале да го пребараат станот околу 5:30 часот кога осомничениот отворил оган.
„Тоа стана критична ситуација. По извесно време, осомничениот не одговарал на повиците на полицајците кои се обидувале да го извлечат од станот и да го смират, а потоа било утврдено дека при размената на истрелите, осомничениот починал“, рече Џејкобсон на утринската прес-конференција.