Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека руската армија покажала висок степен на борбена готовност за време на најголемите воени вежби во последните 20 години.
Во маневрите во Сибир и на Далечниот Исток, кои започнаа во петокот и ќе траат до крајот на неделава, учествуваат 160.000 војници и 5.000 тенкови и други борбени возила.
Овие воени вежби треба да ја покажат подготвеноста на руската армија која е повторно во забрзан развој.
Путин, кој денеска ги набљудуваше вежбите во близина на градот Чита во јужниот дел на Сибир, истакна дека трупите успешно ги извршиле воените задачи, додавајќи дека „денес можеме да се гордееме со нашата армија“.
Руските власти соопштија дека овие вежби се дел од редовната борбена обука и не се директно насочени против било која земја.