Рускиот претседател Владимир Путин престојува денеска во Лондон во посета на Олимписките Игри, при што ќе се сретне и со британскиот премиер Дејвид Камерон.
Ова е прва посета на Путин на Велика Британија по седум години. Последен пат тој престојуваше во јули 2005 година, за време на Самитот на Г8, кој се одржа во Глениглс.
Претставник на Даунинг стрит 10 изјави дека главна тема на разговорите меѓу Камерон и Путин ќе биде ситуацијата во Сирија и начинот на решавање на кризата во оваа земја, пред таа да прерасне во вистинска граѓанска војна и во конфликт, кој ќе го загрози целиот регион.
Од британска страна, според лондонските медиуми, ќе биде изразено незадоволството на официјален Лондон од ветото, кое Русија (заедно со Кина) го стави во Советот за безбедност во ОН, за воведување дополнителни санкции кон власта на претседателот Башар ал Асад.
Москва постојано е обвинувана дека со својата заштита на „режимот на Асад“ го отежнува решавањето на сириската криза и само го продолжува сегашното крвопролевање.
Во текот на денешната средба на двајцата политички лидери, нема да стане збор за убиството на рускиот дисидент Александар Литвиненко, кој во ноември 2006 година беше отруен со радиоактивниот полиниум. Британската истрага за убиството ја обвини Москва, а и лондонските медиуми за случајот го обвинија Кремљ, што предизвика гневна реакција на Русија и заладување на билатералните односи.
Премиерот Камерон минатата есен ја посети Русија и при тоа се сретна со Владимир Путин, кој тогаш беше премиер, како и со поранешниот претседател на Русија Дмитриј Медведев.
Во текот на престојот во Лондон Путин ќе го посети Олимпискиот Парк. Рускиот претседател ќе ги посети олимпијците од Русија и заедно со Камерон ќе следат неколку борби во џудо, омилениот спорт на рускиот претседател.