Лидерот на каталонските сепаратисти Карлес Пуџдемон денеска најави дека ќе се врати во Шпанија по седум години минати во егзил, каде најверојатно ќе биде уапсен поради обидот да прогласи независност на неговиот регион во 2017 година.
Неговото апсење и потенцијалниот истражен притвор би можеле повторно да ги разгорат тензиите во Каталонија и да и наштетат на кревката владејачка коалиција предводена од социјалистите, која зависи од усвојувањето закони од партијата Јунтс на Пучдемон.
Јунтс ја условува поддршката за владата на премиерот Педро Санчез со законот за амнестија одобрен од шпанскиот парламент во мај. Тој го овозможи враќањето на Пуџдемон од Белгија со поништување на правните постапки против стотици сепаратисти кои беа дел од нелегалниот референдум за независност на Каталонија.
Сепак, шпанскиот Врховен суд минатиот месец пресуди дека амнестијата не може да се однесува на обвинението против Пуџдемон за проневера и дека затоа налогот за апсење е сè уште валиден. Тој сепак сака да биде во каталонскиот парламент на полагањето заклетва на новиот лидер на регионот по мајските избори на кои Пучдемон беше втор.
Пуџдемон денеска изјави дека ќе го одржи зборот и дека во четврток ќе биде во Барселона. „Го започнав моето патување назад од егзил“, напиша тој на платформата Х, додавајќи дека ќе учествува на утрешната седница на која социјалистот Салвадор Ила ќе стане лидер на Каталонија, ставајќи крај на повеќе од една деценија сепаратистичко владеење.
Поддржувачите на Пуџдемон планираат да се соберат во четврток во Барселона пред регионалниот парламент. Ниту тој, ниту партијата Јунтс не сакаат да откријат дали веќе влегол во Шпанија.