Првичните резултати од истрагата за причините на несреќата со малезискиот патнички авион во украинската област Доњецк ќе бидат готови следната недела, изјави денеска малезискиот министер за транспорт Лиу Тионг Лај.
– Сите првични информации ќе бидат готови следната недела и се надевам ќе можеме да ги објавиме, истакна Лај.
Тој нагласи дека под раководство на холандски експерти веќе се одржала средба во врска со првите резултати од истрагата.
– Собирањето информации на местото на несреќата ќе продолжи, но најважното, што ќе овозможи да се утврди како се случил инцидентот, е информацијата од црните кутии, додаде министерот.
Претходно, малезискиот министер за внатрешни работи Ахмад Захид Хамиди изјави дека меѓународните експерти успеале да ги соберат повеќе од половината материјални докази.