Група од околу сто курдски бунтовници, кои се криеја во окрузите Хакари и Шарнак во југоисточна Турција ја напуштиле вчера турската територија и се повлекле во северен Ирак, пишува весникот „Милиет“.
Бунтовниците се упатиле кон бази на Курдската работничка партија (ПКК) во областите Зап и Хакурк, кој се наоѓаат во близина на границата.
Весникот нагласи дека ова е првиот конкретен чекор од страна на ПКК, откако минатата недела лидерот на курдските бунтовници Абдула Оџалан ги повика борците да ги прекинат воените дејствија и да се повлечат од Турција.
Според проценките околу две илјади курдски бунтовници се наоѓаат на територијата на Турција. Планирано е бунтовниците етапно да ја напуштаат турската територија.
Турските весници пишуваат дека пет турски воени авиони извршиле вчера летови над бази на ПКК во северен Ирак. Во процесот на повлекување на курдските бунтовници турски авиони ловци ќе вршат такви контролни летови во областите на границата, додаваат весниците.