Дописникот на „Њујорк тајмс“ во Пекинг Крис Бакли вчера беше принуден да ја напушти Кина, откако властите одбија да му ја продолжат визата.
Австралиецот Бакли, неговата сопруга и ќерка вчера заминаа од Кина и отпатуваа за Хонг Конг.
Бакли претходно објави текстови за богатството на роднините на кинескиот премиер Вен Џиабао, по што кинеските власти го блокираат пристапот до интернет-страницата на „Њујорк тајмс“.
Кинеските власти демантираат дека има поврзаност меѓу укинувањето на визата и текстовите.
Во мај минатата година американската новинарка Мелиса Чан исто така беше принудена да ја напушти Кина, додека уредникот на редакцијата на „Њујорк тајмс“ во Пекинг неколку месеци чека кинеска виза.