Пронајдени се девет од 26-те лица кои исчезнаа при превртување на туристички бродво Јапонија, соопшти јапонската крајбрежна стража.
Непозната е состојбата на луѓето кои беа спасени и извлечени од немирните води во близина на полуостровот Ширетоко на северот на Јапонија.
Јапонските медиуми објавија дека лицата не биле свесни кога биле пронајдени, но крајбрежната стража не сакала да потврди дали се пронајдени живи.
Потрагата по исчезнатите, која се уште е во тек, вклучува шест патролни чамци, неколку хеликоптери и нуркачи.
Бродот на кој имало 26 лица – 24 туристи и двајца членови на екипажот – се преврте вчера по повик за помош во кој било наведено дека тоне.
Во овој период од годината, океанот во близина на националниот парк Ширетоко, каде што се преврте бродот, е многу студен, а вчера беше издадено предупредување поради силните ветрови и големите бранови, поради што рибарските чамци се вратија во пристаништето пред инцидентот.
Премиерот на Јапонија Фумио Кишида го прекина учеството на самитот во Кумамото и се врати во Токио.
Тој им рече на новинарите дека им рекол на службениците да направат се што можат за да ги спасат луѓето.
Во тек е и истрага за инцидентот.
Извор: МИА