Жена од Калифорнија, која исчезна пред речиси осум години, се појави во полициска станица и побара од полицијата да ја симнат од списокот на исчезнати лица. Лиза Ху беше пријавена за исчезната во полицијата во Оукланд во декември 2015 година. Меѓутоа, минатата недела на нејзино барање беше отстранета од списокот на исчезнати лица на полициската управа во Оукланд.
Ху и кажала на полицијата дека таа всушност никогаш не исчезнала. Полицискиот оддел во Оукленд не објави никакви информации за тоа каде се наоѓа г-ѓа Ху за време кога таа беше пријавена за исчезната. Само објавија дека е пронајдена и дека е безбедна, пишува Индипендент.
„Благодарение на нашата заедница и партнери, Лиза Ху повеќе не е исчезната личност. Таа е безбедно лоцирана“, се вели во соопштението.
Овој случај е последен во низата исчезнати лица кои мистериозно повторно се појавија. Во јули, исчезнатата тинејџерка од Аризона Алиша Наваро повторно се појави по четиригодишна потрага по неа.
Руди Фариас од Хјустон исчезна во 2015 година, пред да се појави во јуни оваа година, а медиумите пишуваа дека случајот всушност бил обид за измама.
Националниот систем за исчезнати и неидентификувани лица проценува дека приближно 600.000 луѓе исчезнуваат во САД секоја година.