Најмалку 500 лица се задржани во притвор, вклучително и опозицискиот лидер Алексеј Навални, за време на протестите што беа организирани во Москва и други градови во Русија. Демонстрантите се собраа за да протестираат против корупција на владините претставници, јави ТАСС.
Руската опозиција ги повика луѓето да излезат на улица во знак на протест против корупцијата и да побараат оставка на премиерот Дмитриј Медведев.
Протестот го организираше опозицискиот лидер Алексеј Навални. Тој неодамна тврдеше дека рускиот премиер Дмитриј Медведев поседува неколку куќи, јахти и лозја.
Руска полиција го приведе денеска Навални во центарот на Москва.
Стотици опозициски демонстранти се собрале околу полициското комбе и пробувавале да ја спречат полицијата да го одведе Навални.
Неименуван претставник на полицијата предупредил дека демонстрантите можат да бидат казнети со глоба од 330 долари, или 15-дневен притвор, пренесе ТАСС.