Италијанскиот заменик-министер за транспорт Армандо Сири од денеска е под истрага за корупција, што е уште еден удар италијанската коалициска влада.
Армандо Сири, е дел од партијата на вицепремиерот Матео Салвини „Лига“ и е осомничен за примање мито од 30.000 евра за да ја протежира индустријата на ветерната енергија, јави ДПА.
– Категорично ги отфрлам обвинувањата против мене, истакна Сири и исклучи секаква можност за повлекување од Владата.
Но коалицискиот партнер на „Лига“, Движењето Пет ѕвезди непопустливо бара Сири да си замине поради сериозноста на обвинувањето.
Сири, наводно, добил мито од човек што работел во име на бизнисмен од областа на ветерната енергија, поврзан со врвот на сицилијанската мафија Матео Месина Денаро.
Според обвинителите, Сири не знаел за врската со мафијата.
„Лига“, од друга страна, изрази целосна доверба во Сири, оценувајќи дека тој не треба да поднесе оставка.