Претседателот на Гамбија, Јахја Џаме, ја прогласи оваа мала западноафриканска држава за Исламска република, образложувајќи дека е тоа во согласност со верата на мнозинското население во земјата и настојувањата таа да се ослободи од колонијалното минато.
Претседателот на Гамбија оваа одлука ја соопшти во петокот на крајот од еден политички собир, пренесуваат американските медиуми.
Џаме изјави дека одлуката е во согласност со верскиот идентитет и вредности на државата, во која околу 90 отсто од населението го сочинуваат муслимани и изнесе уверување дека христијанската заедница ќе биде заштитена.
-Гамбија не можеше да дозволи да продолжи колонијалната оставштина, истакна претседателот Џаме.
Оваа држава својата независност од Велика Британија ја стекна во 1965 година, потсетуваат американските медиуми.
Еден опозициски лидер изјави дека ваквата одлука може да се најде на референдум.
Џаме дојде на власт во 1994 година, а бројни организации го обвинуваат за кршење на човеквоите права, вклучувајќи ја и пресметката со политичките неистомисленици.