Полицијата во индискиот дел на Кашмир го предупреди населението да изградат подземни бункери и да се подготват за можна нуклеарна војна во спорниот регион кој е на работ на поголем судир по серијата смртоносни погранични напади.
Предупредувањето дошло и покрај прекинот на огнот минатата недела во овој регион на Хималаите, откако индиската и пакистанската армија се согласија да ги прекинат прекуграничните напади, кои го загрозувале кревкиот мировен процес.
– Доколку ударниот бран не дојде за пет секунди од блесокот вие сте доволно далеку од нулта точката, се наведува во известувањето под наслов „Заштита од нуклеарно, биолошко и хемиско оружје“.
Во предупредувањето се укажува на „почетната дезориентација“ од нуклеарниот напад и дека ударот „може да однесе многу истакнати и познати личности“.
Инструкциите се издадени вчера во локалниот весник на англиски јазик „Голем Кашмир“ од страна на државните сили за реагирање при несреќи, кои се дел од полицијата.
Во текстот живописно е прикажано сценариото, со цел населението да се подготви да реагира на „првиот ударен бран“. Во него се додава луѓето „да почекаат ветровите да стивнат и остатоците да престанат да паѓаат“.
Населението се советува да изградат подземни засолништа, „каде цели семејства ќе можат да останат две недели“ и да сe снабдат со потребни производи.
Индија и Пакистан, кои поседуваат нуклеарно оружје, воделе три војни од постигнувањето независност во 1947 година, од кои две биле поради нерешеното прашање за Кашмир.