Пратеникот од Националистичката партија „Свобода“ Ирина Фарион го обвини претседателот Петро Порошенко дека го понижил украинскиот јазик со тоа што зборувал и на руски при обраќањето кога стапувал на должност.
Според неа, никогаш досега при положувањето заклетва не излегол ниту еден руски збор од устата на украински претседател.
Порошенко денеска положи заклетва за верност кон народот на Украина. При обраќањето, зборувајќи им на жителите на Донбас, тој премина на руски јазик, соопштувајќи им дека наскоро ќе го посети регионот за да се воспостави дијалог со тамошните жители.
– Како претседател ќе дојдам кај вас во најбрзо време. Со проект за децентрализација на власта. Со гаранција за слободно користење на рускиот јазик во регионот. Со цврста намера да не ги делиме Украинците на „правилни“ и „неправилни“, рече Порошенко.