Повеќе од 90 проценти од Британците развиле антитела на коронавирусот откако ја примиле првата доза на вакцината „АстраЗенека“ или „Фајзер“, а по втората доза развиле речиси сто проценти од вакцинираните, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено на 8.517 луѓе во Англија и Велс.
Истражувањето на научници од Универзитетскиот колеџ во Лондон покажа дека 96,42 отсто од вакцинираните развиле антитела 28 до 34 дена по првата доза, а процентот се зголемил на 99,08 отсто по приемот на втората доза, во рок од седум до 14 дена, пишува „Гардијан“.
– И двете вакцини беа подеднакво добри во стимулирање на развојот на антитела потребни за борба против Ковид-19. Ова е едно од првите истражувања на вакцините против коронавирусот во Велика Британија и тоа е одлична вест, рече др. Меди Шротри, главен автор на студијата.
Според неа, вакцините делуваат исклучително ефикасно, особено ако се има предвид брзината со која се развиваат.
– Ова е голем научен подвиг во борбата против најтешката пандемија во последните сто години, рече таа.
Резултатите од студијата се базираат на анализа на 13.232 примероци на антитела земени од крвта на 8.517 возрасни учесници во истражувањето. Важно е да се напомене дека никој од нив немал антитела пред да ја прими првата доза на вакцината и дека сите потенцијални учесници во студијата со антитела биле исклучени од истражувањето.
Просечната возраст на учесниците во студијата беше 65 години, бидејќи истражувањето е спроведено меѓу повозрасната популација, која беше прва вакцинирана во Велика Британија.
Кампањата за вакцинација во Велика Британија започна на 8 декември 2020 година.
Досега со две дози се вакцинирани повеќе од 20 милиони Британци.