Повеќе од 20 лица, вклучувајќи и бремени жени и деца, се убиени во неодамнешните племенски судири во Папуа Нова Гвинеја, пренесуваат локалните медиуми.
Бројот на жртви и времето на распламтување на насилството во зафрлената провинција Хаја се различни во извештаите на медиумите, иако гувернерот на провинцијата, Филип Ундијалу, за австралиската телевизија изјави дека во селото Карида, во последните насилства погинале 16 лица, меѓу кои имало и жени и деца.
-Овие убиства, како што се претпоставува, се одмазда за еден од претходните судири во кој биле убиени седум лица, рече Ундијалу.
„Ова ескалира во масакр врз недолжни жени и деца“, додаде тој, пренесуваат американските медиуми.
Локалниот весник „Пост-Курир“, меѓутоа, јавува дека во селата Карида и Пета од саботата до сега се убиени 24 лица.
-Ова не е племенска борба каде спротивставените селани се борат на полето. Ова е гериски судир, што значи дека меѓусебно се кријат и бегаат, и им прават заседи на непријателите, изјави полицискиот инспектор Тед Аугви.
Племснките судири се честа појава во внатрешноста на Папуа Нова Гвинеја, каде локалното население многу често ја одмаздува смртта на своите роднини.
Премиерот на оваа островска земја, Џејмс Марапе, изјави дека одговорните за смртоносните напади можат да се соочат со смртна казна.