Четиринаесет европски држави потпишаа Конвенција на Советот на Европа против трговија со човечки органи, што претставува прв меѓународен договор со ваква цел, кој од денеска може да го потпише која било земја во светот.
Конвенцијата е отворена за потпишување првиот ден од меѓународната конференција организирана од СЕ и шпанската Влада во Сантијаго де Компостела, чија тема е унапредување на борбата против трговијата со човечки органи и спроведување на новиот договор, соопшти СЕ.
Договорот денеска го потпишаа Албанија, Австрија, Белгија, Чешка, Грција, Италија, Луксембург, Норвешка, Молдавија, Полска, Португалија, Шпанија, Турција и Велика Британија. Тој ќе стапи во сила кога ќе биде ратификуван од пет држави, се потенцира во соопштението.
Конвенцијата има за цел да спречи трговија со човечки органи барајќи, на пример, од државите да обезбедат транспарентност на своите национални системи за трансплантација на органи, како и праведен пристап до трансплантациските служби, се истакнува во соопштението на СЕ.
Генералниот секретар на СЕ, Торбјорн Јагланд истакна дека незаконското отстранување и трговијата со човечки органи претставува сериозно кршење на човековите права.