Членовите на Контакт групата за Украина по шестчасовните преговори во Минск потпишаа меморандум за имплементирање на спогодбата за прекин на огнот, која беше постигната на 5 септември.
Поранешниот претседател на Украина, Леонид Кучма по преговорите изјави дека документот предвидува дека „прекинот на користењето оружје се смета за генерално и важи за сите страни“.
Тој додаде дека е предвидено единиците и воените формации на завојуваните страна да останат на позициите од 19 септември, а исто така се забранува и користење на секаков вид оружје и водење офанзивни борбени операции во текот на денот.
– Меморандумот предвидува повлекување на оружјата со калибар над сто милиметри, на растојание не помалку од 15 километри од секоја страна – рече Кучма.
Меморандумот содржи и забрана за поставување мини, забрана за летови на воената авијација, а во таа смисла и на беспилотни летала, со исклучок на авионите на Организацијата за безбдност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Во документот исто така е предвидена и забрана за распоредување на тешко вооружување и воена техника во регионите на населените места. ОБСЕ има задача да го следи имплементирањето на договореното.
Кучма изјави дека на состанокот во Минск е донесена одлука за повлекување на сите странски борбени формации од секоја од страните под мониторинг на ОБСЕ. Одговарајќи на прашањето за размена на воени заробеници, Кучма истакна дека тоа „останува главно прашање“.
Рускиот амбасадор во Киев, Михаил Зурабов изјави дека по примирјето од 5 септември од двете страни веќе се ослободени по 120 војници.
Премиерите на самопрогласените Доњецка и Луганска народна република, Александар Захарченко и Игор Плотницки изјави дека прашањето за специјалнио статус на Донбас не било разгледано на состанокот, но оти таа тема ќе биде предмет на дискусија.