Новоизбраниот украински претседател Петро Порошенко вети дека ќе ги уништи проруските сепаратисти во источниот дел на земјата, пренесе ДПА.
-Ќе го завршиме овој терор, изјави Порошенко за германскиот таблоид „Билд“ во интервју што денеска беше објавено.
„Против нашата земја се води вистинска војна “, додаде тој.
Порошенко подвлече дека не издава наредби затоа што се уште не стапил на должност, но оддржува тесни контакти со владата.
-Можам да Ви кажам дека операцијата на крајот навистина почна, изјави тој и додаде дека целта е да се приведат сепаратистичките лидери и да се изведат пред судот.
Ситуацијата во Украина ескалира во понеделникот, кога најмалку 36 лица беа убиени, а 31 беа ранети, во обидот владините сили да ја повратат контролата врз аеродромот во Доњецк од проруските борци. Тоа беше прв случај во овој источноукраински град, со еден милион жители, да се водат борби, забележува германската агенција.
Сепаратистите денеска соопштија дека трагаат по четворицата исчезнати меѓународни набљудувачи на ОБСЕ.
ОБСЕ вчера соопшти дека го загубила контактот со четворицата членови на цивилната набљудувачка мисија во Доњецкиот регион. Исчезнатите набљудувачи доаѓаат од Данска, Турција, Швајцарија и Естонија и спроведувале рутинска обиколка источно од Доњецк, изјави данската Влада. Според Копенхаген, тие се приведени од вооружените сепаратисти.
Самопрогласената „Доњецка Народна Република“ негира дека има нешто заедничко со исчезнувањето на набљудувачите, но вети дека ќе организира потраг по нив.