Украинскиот претседател Петро Порошенко денеска соопшти дека ја сменил воената стратегија за ставење крај на конфликтот во источна Украина.
Промената опфаќа прегрупирање на силите со цел изолирање на зоните што ги контролираат проруските сепаратисти и пресекување на нивниот пристап до руската граница.
Новата стратегија Порошенко ја соопшти за време на специјалната седница со шефовите на украинските служби за безбедност.
Украинскиот претседател повика на прегрупирање на украинските сили за да се расцепка зоната што ја контролираат сепаратистите и да се спречи нивното снабдување со оружје и опрема преку руската граница.
Тактиката, што досега ја користеа украинските воени команданти, се состоеше во опколување и опсада на главните бастиони на сепаратиситте, за што украинските сили, но и цивилното население, платија многу висока цена во се покрвавите борби.
Армијата, освен тоа, имаше тешкотии при навлегувањето во градовите, каде во битките има многу жртви.
Порошенко ги потврди тврдењата на лидерот на сепаратистите од Доњецк, Александар Захарченко, дека проруските сили во петокот добиле оклопни возила и 1.200 војници кои минале четиримесечна обука во Русија.
Москва ги демантира овие тврдења.
Минатата недела официјален Киев соопшти дека биле уништени делови од колона со оклопни воена возила, што од Русија влегле на украинска територија.