Порошенко инаугуриран во претседател на Украина

Од:

Петро Порошенко, 48-годишниот украински милионер, денеска положи свечена заклетва во Парламентот и стана петиот претседател на Украина од стекнувањето независност на таа земја во 1991 година.

Заклетвата ја положи пред претседателот на Уставниот суд Јуриј Баулин.

Во обраќањето по заклетвата, Порошенко ги повика сепаратистите да го остават оружјето и вети дека ќе обезбеди коридори за странските платеници да ја напуштат Украина.

Тој, исто така вети дека на населението од руското говорно подрачје ќе им биде овозможено правото на мајчин јазик, како и децентрализација на власта во регионите.

Порошенко уште истакна дека Крим бил и ќе биде украински.

Како начин за излегување од кризата, Порошенко се заложи за спроведување предвремени парламентарни избори, како и за потпишување на нов меѓународен договор, наместо Меморандумот од Будимпешта.

Новиот украински претседател истакна дека Украина ќе остане унитарна држава и оти за прашањето за федерализација нема „плодна почва“ во земјата.

Порошенко ја положи свечената заклетва на специјална пленарна седница на Парламентот. Во Украина нема законски утврден протокол за стапувањето на должност, поради што секој новоизбран шеф на државата користи свое сценарио.

Петиот претседател на Украина ја постави едната рака на Уставот, а другата на Пересопницкото Евангелие (прв познат превод на евангелскиот текст на украински литературен јазик) и свечено се заколна на верност кон Украина.

На денешната инаугурација на Петро Порошенко присуствуваат 56 странски делегации, а најмалку 23 делегации се предводени од шефови на држави, влади или парламенти.

На церемонијата, американската делегација ја предводи потпретседателот на САД Џозеф Бајден и тој во Киев ќе има разговори со Порошенко и со премиерот Арсениј Јацењук за „плановите на украинската влада за спроведување демократски реформи, економски развој и смирување на кризата во источниот дел на земјата“, соопшти Белата куќа.

Бајден ќе има средба и со претседателот на Молдавија Николај Тимофтиј, на која ќе разговара за ситуацијата во регионот.

На инаугурацијата присуствува и претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, како и претседателот на Европскиот совет херман ван Ромпуј, канадскиот премиер Стивен Харпер, францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабијус, претседателот на Грузија Гиорги Маргвалашвили и рускиот амбасадор Михаил Зурабов.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Гранатирана е зграда на СБУ во која имало офицери на НАТО, досега се потврдени 15 починати странци

Песков: Неопходни се корекции на нуклеарната политика поради ескалацијата на тензиите

Руската воздушна одбрана синоќа уништи 125 украински беспилотни летала

Северна Кореја: Американската помош за Украина е „неверојатна грешка и луд чин“

Горан Наумовски

Блинкен: Темелно го проучуваме украинскиот план за победа и размислуваме за дополнителни активности

Шест лица загинаа во напад врз медицински центар во Суми