Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили денеска е однесен на лекување во приватна болница поради влошена здравствена состојба по два периода на штрајк со глад во затвор.
Неговиот адвокат рече дека бил известен за префрлањето во клиника во Тбилиси, но нагласи дека не добил никакви информации од управата на затворот за здравствената состојба на неговиот клиент.
Саакашвили (54), кој во 2018 година беше осуден во отсуство за злоупотреба на власта, беше уапсен во октомври минатата година при враќање во Грузија по неколку години во егзил. Тој тогаш изјави дека дошол да води кампања во полза на опозицијата на претстојните избори.
Минатиот месец, Саакашвили рече дека му е потребна „итна медицинска помош“, која не ја добил во затвор. Според него, тоа што е зад решетки го довело до „тешка невролошка состојба“.
Роднините и поддржувачите на поранешниот шеф на државата ги повикуваат грузиските власти да му дозволат лекување во странство.
Извор: МИА