Поранешниот бразилски претседател прогласен за виновен за обид за државен удар: Сакал да го убие новоизбраниот лидер

Од:

Мнозинството судии во петчлениот совет на Врховниот суд на Бразил гласаа во четврток за осуда на поранешниот претседател Жаир Болсонаро за обид за државен удар за останување на власт и покрај поразот на изборите во 2022 година, во пресуда што ќе ги продлабочи политичките поделби и веројатно ќе предизвика реакција од владата на САД, објавува АП.

Десничарскиот политичар, кој владееше со Бразил од 2019 до 2022 година, беше прогласен за виновен по пет точки од обвинението од тројца членови на петчлениот совет.

Конечната одлука ја донесе Кармен Лусија, еден ден откако судијата Луиз Фукс гласаше за ослободување на поранешниот претседател по сите точки од обвинението.

Треба да гласа уште еден судија.

Откако сите пет судии ќе гласаат, панелот ќе одлучи за казната за Болсонаро, што би можела да биде децении затвор. 70-годишниот поранешен претседател моментално е во домашен притвор.

Неговите адвокати објавија дека ќе се жалат до Врховниот суд од 11 судии.

Болсонаро е обвинет за заговор за државен удар, учество во вооружена криминална организација, обид за соборување на демократскиот поредок на Бразил со сила, извршување на акти на насилство против државните институции и оштетување на заштитени јавни објекти за време на инвазијата на владини згради од страна на неговите поддржувачи на 8 јануари 2023 година, објави CNN.

Обвинителите тврдат дека дел од заговорот вклучувал планови за потенцијално користење експлозиви, воено оружје или отров за атентат врз левичарскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, неговиот потпретседател Џералдо Алкман и судијата на Врховниот суд Александар де Мораес, кој го надгледуваше судењето на Болсонаро.

Болсонаро и другите обвинети во случајот се изјаснија за невини.

Би можело да ве интересира

Рубио: Пресудата на Болсонаро е лов на вештерки, ние соодветно ќе одговориме

Болсонаро ги повикува поддржувачите на протест

Болсонаро e обвинет за обид за државен удар